Хана Гутиерес-Рид, реквизитерката која му дала пиштол на Алек Болдвин пред тој да убие кинематограферка на снимањето на филмот „Раст“, доби 18 месеци затвор. Дваесет и шестгодишната Гутиерес-Рид минатиот месец беше прогласена за виновна за ненамерно убиство, но беше ослободена од обвинението за манипулирање со докази во врска со пукањето што се случи во Ново Мексико во 2021. Притоа загина 42-годишната снимателка Халина Хачинс.
Казната што таа ја доби беше најголемата можна. Судијата кој ја изрече казната изјави дека дејствата на Гутиерес-Рид претставуваат сериозен, насилен прекршок.
„Вие сама претворивте безбедно оружје во смртоносно оружје“, кажа судијата.
На Болдвин исто така ќе му се суди за ненамерно убиство во јули. Тој веќе се изјасни како невин.
Хачинс загина откако Болдвин случајно ја застрелал со пиштол во кој имало вистински куршум. Обвинителите рекоа дека Гутиерес-Рид не успеала да се погрижи оружјето да биде наполнето само со лажни куршуми, кои само изгледаат и звучат како вистински. Тие исто така презентираа докази дека Гутиерес-Рид, која на сведочеше на судењето, донела кутија со вистински куршуми од нејзиниот дом во Калифорнија, кои полека се ширеле низ филмскиот сет во тек на 12 дена.