РЕЖИСЕРОТ РОБ РАЈНЕР И СОПРУГАТА МИШЕЛ ПРОНАЈДЕНИ УБИЕНИ ВО НИВНИОТ ДОМ

    РЕЖИСЕРОТ РОБ РАЈНЕР И СОПРУГАТА МИШЕЛ ПРОНАЈДЕНИ УБИЕНИ ВО НИВНИОТ ДОМРајнер се прослави како режисер на класиците „Принцезата невеста“, „Мизери“, „Кога Хари ја сретна Сали“ и „Неколкумина добри луѓе“ (Фото: АП)

    Легендарниот американски режисер и актер Роб Рајнер и неговата сопруга, фотографката Мишел, се пронајдени мртви во нивниот дом во Лос Анџелес. Властите го истражуваат инцидентот како убиство откако полицијата и пожарникарите биле повикани во домот на двојката во населбата Брентвуд, каде што живеат многу славни личности.

    Рајнер се прослави како режисер на класиците „Принцезата невеста“, „Мизери“, „Кога Хари ја сретна Сали“ и „Неколкумина добри луѓе“, за кој беше номиниран за Оскар за најдобар филм во 1993 година.

    Полицијата претходно соопшти дека 78-годишен маж и 68-годишна жена се прогласени за мртви на самото место, без да ги наведе нивните имиња. Засега нема уапсени, но и осомничени. Полицијата не објави ни детали за повредите и какво оружје било користено или пронајдено. Заменик-шефот на полицијата на Лос Анџелес, Алан Хамилтон, кажа дека причината за смртта ќе се знае по обдукцијата.

    Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, рече дека Рајнер е „гениј со големо срце“, додека бившиот американски претседател Барак Обама кажа дека „постигнувањата на Роб на филмот и телевизијата ни дадоа некои од најомилените приказни“.

    Рајнер, кој беше син на великанот на комедијата Карл Рајнер, ја почнал актерската кариера во 1960-тите, прославувајќи се со серијата „Сите во семејството“ од 1970-тите, за која доби две награди Еми. Како режисер дебитираше во 1984 година со комедијата за измислен хеви метал бенд „Ова е Спајнл тап“, што му донесе дополнителен успех во Холивуд. Следеше уште еден култен филм, „Остани со мене“ (1986), драма заснована врз роман на Стивен Кинг, а потоа и „Принцезата невеста“ (1987), „Кога Хари ја сретна Сали“ (1989), „Мизери“ (1990), „Неколкумина добри луѓе“ (1992), „Духовите на Мисисипи“ (1996)…

    Како актер, играше и во „Волкот од Волстрит“, „Разгледници од работ“ и „Куршуми над Бродвеј“, како и во ТВ серии, меѓу кои и „Новата девојка“ и „Мечката“. Неговиот последен филм беше „Спајнл тап 2: Крајот продолжува“, кој излезе оваа година.

    Со Мишел Рајнер беше во брак од 1989 и заедно имаат три деца.

    Мишел Рајнер e фотографката која ја ја сними фотографијата на Доналд Трамп која е на корицата на неговата книга „Трамп: Уметноста на договорот“.

    Роб Рајнер, роден во Њујорк, беше познат и како активист на Демократската партија и застапник на разни либерални социјални каузи. На претседателските избори во 2004 година, тој го поддржа демократскиот кандидат Џон Кери и се појави во реклами насочени кон актуелниот претседател Џорџ В. Буш. Рајнер, исто така, ги поддржа демократските претседателски кандидати Ал Гор и Хилари Клинтон. Тој водеше кампања против Калифорнискиот предлог 8, мерка на гласање од 2008 година со која се измени државниот устав за да се забранат истополовите бракови. Предлогот 8 подоцна беше поништен од судовите и формално укинат по друга иницијатива. Тој водеше посебна кампања за усвојување на Предлогот 10, иницијатива што создаде програма за услуги за ран детски развој

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира