РУСИЈА ФРЛА СОМНЕЖ ВРЗ ТВРДЕЊАТА ДЕКА ИСЛАМСКА ДРЖАВА ГО ИЗВРШИЛА ТЕРОРИСТИЧКИОТ НАПАД КАЈ МОСКВА

    РУСИЈА ФРЛА СОМНЕЖ ВРЗ ТВРДЕЊАТА ДЕКА ИСЛАМСКА ДРЖАВА ГО ИЗВРШИЛА ТЕРОРИСТИЧКИОТ НАПАД КАЈ МОСКВАРуските власти ги уапсија и идентификуваа напаѓачите како државјани на Таџикистан (Фото: АП)

    Русија денеска фрли сомнеж врз тврдењата на САД дека Исламска држава е одговорна за терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“ близу Москва во петокот, во кој загинаа најмалку 137 луѓе, а ранети се 182.

    Во најсмртоносниот напад на руската територија во последните две децении, четворица вооружени напаѓачи упаднаа во салата додека илјадници луѓе чекаа да почне рок концерт. Руските власти ги уапсија и идентификуваа напаѓачите како државјани на Таџикистан и тие се обвинети за тероризам.

    Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот и како доказ за тоа објави една видеоснимка. Вашингтон официјално кажа дека нема причини за сомнеж во тврдењето на ИСИС, особено што американската амбасада во Русија две недели пред тоа предупреди дека екстремисти планираат напад во Москва.

    Но, Владимир Путин не ја спомна Исламска држава во своето обраќање во саботата, туку кажа дека напаѓачите биле уапсени кога сакале да избегаат во Украина и дека таму имале помагачи. Тврдењата на САД ги доведе во прашање и портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова.

    „Прашање до Белата куќа: Дали сте сигурни дека е ИСИС? Можеби би требало повторно да размислите за тоа“, напиша Захарова во колумна за весникот „Комсомолскаја правда“.

    Таа додаде дека САД шират верзија за Исламска држава како Баба Рога за ги прикријат своите одделенија во Киев и ги потсети читателите дека Вашингтон ги поддржувал муџахединските борци во борбите против советските сили во 1980-тите.

    Исламска држава е активна во Таџикистан, од каде што наводно потекнуваат извршителите на нападот кај Москва.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира