Руските власти користат странци кои добиле руско државјанство за да помагаат во војната во Украина, изјави шефот на Рускиот истражен комитет Александар Бастрикин. Тој кажа дека биле лоцирани повеќе од 30.000 странски мигранти кои неодамна добиле руско државјанство, но не биле пријавени во армијата.
„Веќе фативме над 30.000 мигранти кои добиле државјанство, но не сакале да се пријават во војската. Тие се пријавени и 10.000 од нив се испратени во зоната на специјалната воена операција“, изјави Бастрикин на конференција во Санкт Петербург.
Тој го опиша овој потег како спроведување на рускиот устав.
„Зошто ни се потребни овие мигранти? За да копаат ровови и градат утврдувања. Ни требаат добри работни раце за тоа. Тие сега се дел од нашите истурени воени единици“, рече Бастрикин.
Руските власти неодамна извршиле рации во фабрики и други бизниси низ земјата, барајќи легални и илегални мигранти. За време на рациите, на мигрантите им биле издавани налози за регрутација, објавија руските медиуми.