РУСИЈА ЈА НАПАДНА УКРАИНА СО НАД 100 ДРОНОВИ, ДЕН ОТКАКО ПУТИН ГО ОДБИ ПРИМИРЈЕТО И ПРЕДЛОЖИ ДИРЕКТНИ МИРОВНИ ПРЕГОВОРИ

    РУСИЈА ЈА НАПАДНА УКРАИНА СО НАД 100 ДРОНОВИ, ДЕН ОТКАКО ПУТИН ГО ОДБИ ПРИМИРЈЕТО И ПРЕДЛОЖИ ДИРЕКТНИ МИРОВНИ ПРЕГОВОРИОдбивањето на Русија да го прифати  примирјето понудено од Украина ќе донесе дополнителни санкции за Москва, велат европските лидери. (Фото: АП)

    Русија ноќеска лансираше повеќе од 100 беспилотни летала „шахед“ и дронови во Украина, соопштија денеска украинските воздухопловни сили, ден откако Кремљ практично го отфрли безусловниот 30-дневен прекин на огнот, но повтори дека ќе учествува во можни директни мировни преговори на 15 мај без предуслови. Во меѓувреме, немаше директен одговор од Кремљ на предизвикот од украинскиот претседател Володимир Зеленски за рускиот лидер Владимир Путин да се сретне со него на мировни преговори лице в лице во Истанбул на 15 мај.

    Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска одби да каже кој би можел да оди во Истанбул од руска страна.

    „Генерално, ние сме решени сериозно да бараме начини за постигнување долгорочно мирно решение. Тоа е сè“, рече Песков.

    САД и европските влади прават заеднички притисок да ги запрат борбите, во кои загинаа десетици илјади војници од двете страни, како и над 10.000 украински цивили. Руските сили зазедоа околу една петтина од Украина во најголемиот конфликт во Европа од Втората светска војна. Во налетот на дипломатски случувања во текот на викендот, Русија го одбегна предлогот за прекин на огнот поднесен од американските и европските лидери, но понуди директни разговори со Украина на 15 мај.

    Украина, заедно со европските сојузници, побараа Русија да го прифати прекинот на огнот кој требаше да започчне денеска пред да одржи мировни преговори. Москва практично го отфрли тој предлог и наместо тоа повика на директни преговори во Истанбул.

    Американскиот претседател Доналд Трамп инсистираше Украина да ја прифати руската понуда за разговори. Зеленски вчера отиде чекор понатаму и изврши притисок врз Путин нудејќи лична средба. Франција денеска ја поддржаа таа понуда, при што министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро го повика Путин да прифати – иако го повтори европскиот став дека мора да има примирје пред разговорите. Одбивањето на Русија да го прифати  примирјето понудено од Украина ќе донесе дополнителни санкции за Москва, велат европските лидери. Германија денеска ја потсети Русија за таа намера.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира