Најмалку едно лице загина во денешното руско ракетирање на Украина, кое уследи ден откако Германија и САД се согласија да ѝ испратат модерни тенкови. Ова е првиот голем ракетен напад од 14 јануари.
„Како резултат на ракетирањето на нестанбена зграда во населбата Холосивски, едно лице загина, а две се повредени“, изјави градоначалникот на Киев, Витали Кличко.
Украинската војска соопшти дека противвоздушната одбрана соборила 47 од 55 испукани проектили, од кои 20 околу Киев. Во нападот бил користен и хиперсоничен проектил „кинжал“. Регионалните власти известија за експлозии во Киев, Одеса, Херсон и Виница.
Германија и САД вчера објавија дека ќе испратат вкупно 45 тенкови „леопард“ и „абрамс“ во Украина. Се очекува уште 88 тенкови да пристигнат од други европски земји.
„Обуката за тенковите ‘леопард‘ ќе почне за некое време. Украина треба да ги добие првите тенкови до крајот на март или во почетокот на април“, кажа германскиот министер за одбрана Борис Писториус.