Рускиот парламент усвои закон со кој се отстранува горната возрасна граница за служење војска, додека земјата бележи големи загуби во војната во Украина. Пратениците од двата дома на парламентот експресно го одобрија законот, што треба Владимир Путин да го потпише.
„Денес е особено важно да ги засилиме нашите вооружени сили и да му помогнеме на министерството за одбрана. Нашиот врховен заповедник чини сè за да се обезбеди победата на нашите вооружени сили и ние мора да помогнеме“, изјави спикерот на Долниот дом, Вјачеслав Володин.
Според досегашниот закон, само Русите на возраст од 18 до 40 години и странците на возраст од 18 до 30 години можеа да се пријават за професионално служење војска.
Москва уште на 25 март го објави последниот официјален извештај за руските загуби во Украина, со 1.351 загинат и 3.825 повредени војници, додека украинските и западните извори тврдат дека бројките се многукратно поголеми.