Францускиот претседател Емануел Макрон ja предупреди Русија за време на денената посета на Киев, заканувајќи се со последици ако Москва одбие да се согласи на прекин на огнот во војната во Украина.
„Праведен и траен мир започнува со целосен и безусловен прекин на огнот“, напиша Макрон на X. „Ако Москва продолжи да опструира, ние ќе го засилиме притисокот – заедно, како Европејци и во тесна координација со САД“.
Макрон истакна дека Украина веќе го прифатила предлогот за 30-дневен прекин на огнот, изнесен од Вашингтон на 11 март. „Меѓутоа, Русија одложува, поставува предуслови, игра со времето и ја продолжува својата војна за инвазија“, напиша претседателот.
Лидерите на четирите клучни европски сојузници на Украина заеднички притискаа за 30-дневен прекин на огнот за време на денешната координирана посета на Киев. Новоименуваниот германски канцелар Фридрих Мерц пристигна во главниот град на Украина со воз заедно со Макрон и британскиот премиер Кир Стармер. Тројката потоа се состана со полскиот премиер Доналд Туск и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во меѓувреме, Кремљ го отфрли предлогот за прекин на огнот, велејќи дека ќе размисли за пауза во борбите само ако САД и Европа ја прекинат испораката на оружје за Украина.
„Во спротивно, тоа ќе биде предност за Украина“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков за американската телевизија „Еј-Би-Си“, тврдејќи дека Киев ќе ја искористи паузата за да се прегрупира, преквалификува и ротира војници. Песков рече дека Русија моментално ја држи главната рака на бојното поле и ги отфрли сугестиите дека Украина е подготвена за вистински преговори, обвинувајќи го Киев дека се обидува да избегне разговори.
„Зошто да и дадеме таква предност на Украина? праша тој и го поздрави, како што го нарече, влијанието на Трамп врз процесот, сугерирајќи дека тоа може да помогне да се притисне Украина кон договор.
Додека Русија прогласи краткорочни прекини на огнот за последните празници, меѓу кои и Велигден и 80-годишнината од крајот на Втората светска војна на 9 мај, двете страни меѓусебно се обвинуваат за кршење на привременото примирје кое треба да истече вечерва.
Војната во Украина, која сега е во трета година, однесе повеќе од 43.000 животи на украинската војска според официјалните податоци, а некои проценки ја зголемуваат бројката. Обединетите нации забележаа над 13.000 цивилни жртви од почетокот на инвазијата.