Русија објави дека лансирала хиперсоничен крстосувачки проектил „циркон“ во Баренцово Море и ги тестирала своите суперсонични борбени бомбардери „су-34“ за време на заедничката воена вежба со Белорусија. Вежбата „Запад 2025“ започна на 12 септември и како што кажа руското министерство за одбрана, има за цел да ги подобри воената команда и координацијата во случај на напад врз Русија или Белорусија.
Москва и Минск тврдат дека вежбите се строго дефанзивни и немаат намера да нападнат членка на НАТО. И покрај тоа, НАТО најави засилување на своето источно крило по упадот на руските дронови во Полска минатата недела.
Руското министерство за одбрана објави снимка од лансирањето на „циркон“ од воениот брод „Адмирал Головко“ во Баренцово Море.
„Според објективните податоци добиени во реално време, целта е уништена со директен удар“, соопшти министерството.
Во вежбата биле вклучени и противподморнички авиони со долг дострел, а екипажите на „су-34“ вежбале бомбардирање на копнени цели, кажаа од министерството.
Владимир Путин во 2019 изјави дека „циркон“ може да лета девет пати побрзо од брзината на звукот и да погодува цели на море и на копно оддалечени повеќе од 1.000 километри. Руските медиуми велат дека ракетата има дострел од 400 до 1.000 километри и дека масата на нејзината боева глава изнесува околу 300-400 килограми.