Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Русија не смее да ја добие војната во Украина, реагирајќи ден по рускиот ракетен напад на трговскиот центар во градот Кременчук, во кој загинаа најмалку 18 луѓе, а 21 лице се води како исчезнато.
Зборувајќи на крајот на самитот на Г7 во Германија, Макрон кажа дека седумте членки на групата ќе продолжат со поддршката за Украина и со санкциите за Русија сè додека биде потребно и со неопходниот интензитет.
„Нападот на трговскиот центар во Кременчук е воено злосторство. Русија не може и не смее да ја добие војната“, додаде Макрон.
Нападот на Кременчук го осуди и германскиот канцелар Олаф Шолц, кој кажа дека тоа е уште еден доказ дека Путин продолжува со својата брутална агресија врз украинскиот народ.
„Постои само еден излез, а тоа е Путин да прифати дека неговите планови во Украина нема да успеат. Ќе продолжиме да ја одржуваме високата економска и политичка цена на војната за Путин“, изјави Шолц.
Наспроти ова, Кремљ денеска ја повика Украина да се предаде.
„Русија ќе ја заврши офанзивата во оној момент кога Украина ќе се предаде. Ги повикуваме украинските власти да им наредат на своите националистички единици да го положат оружјето“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.