РУСИЈА СЕ ОБИДУВА ДА СПРЕЧИ МИРОВНA СРЕДБА И ДА ЈА ПРОДОЛЖИ ВОЈНАТА, РЕЧЕ ЗЕЛЕНСКИ

    РУСИЈА СЕ ОБИДУВА ДА СПРЕЧИ МИРОВНA СРЕДБА И ДА ЈА ПРОДОЛЖИ ВОЈНАТА, РЕЧЕ ЗЕЛЕНСКИ„Украина, за разлика од Русија, не се плаши од никакви средби меѓу лидерите“, рече Зеленски. (Фото: АП)

    Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека „прави сè што може“ за да спречи средба со Владимир Путин во обид да се стави крај на војната. Американскиот претседател Доналд Трамп се обиде да ги состане двајцата лидери, но вчера рече дека „тоа е како масло и оцет… тие не се сложуваат баш најдобро“.

    Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Путин е подготвен да се сретне со украинскиот лидер „кога агендата ќе биде подготвена за самит, а оваа агенда воопшто не е подготвена“, обвинувајќи го Зеленски дека вели „не на сè“.

    По интензивна недела дипломатија, во која Трамп прво се сретна со Путин во Алјаска на 15 август, а потоа Зеленски и со европските лидери во Вашингтон на 18 август, американскиот претседател рече дека војната се покажува како најтешката што се обидел да ја запре. Трамп по телефонскиот разговор со рускиот лидер на 18 август рече дека започнал подготовки за самит Путин-Зеленски на кој потоа ќе се придружии тој.

    Претседателот на Украина го поддржа потегот, но побара безбедносни гаранции од западните сојузници за да спречи каков било иден руски напад во случај на мировен договор: „Украина, за разлика од Русија, не се плаши од никакви средби меѓу лидерите“, рече Зеленски.

    За време на посетата на Киев, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека Трамп има за цел да „го прекине ќорсокакот“ и дека алијансата работи на робусни безбедносни гаранции со САД и Европа за да се осигури дека Путин „никогаш повеќе нема да се обиде да ја нападне Украина“.

    Зборувајќи заедно со Руте, Зеленски рече дека сака безбедносните гаранции на Украина да го одразуваат Член 5 на НАТО, кој го смета нападот врз една членка на алијансата за напад врз сите членки на НАТО.

    Руте рече дека алијансата работи со Украина за да ги дефинира гаранциите, објаснувајќи дека тие ќе се фокусираат на тоа да ја направат војската на Украина што е можно посилна и да вклучат западни безбедносни обврски. „Прерано е за точно да се каже каков ќе биде исходот“, додаде тој.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира