Русија задолжила платеници да држат делови од фронтот во Украина, што укажува на недостиг на борбена пешадија, стои во новиот извештај на британското министерство за одбрана, додека украинската војска ја засилува противофанзивата на југот.
Поголемото секојдневно потпирање врз платени војници од руската приватна воена компанија „Вагнер“, кои досега главно се користеа за специјални операции, е уште еден знак дека руската војска е исцрпена по повеќе од пет месеци војување во Украина. Сепак, Британците забележуваат дека платениците од „Вагнер“ нема да можат да надоместат за загубите на регуларните пешадиски единици или да го променат текот на инвазијата.
„Ова е значителна промена во однос на претходните ангажмани на групата од 2015, кога вообичаено одеа во мисии различни од отворените, големи редовни активности на руската војска“, стои во британскиот извештај.
Киев соопшти дека набљудува огромно прераспоредување на руските сили на југот, откако руската 49. армија, стационирана западно од реката Днепар, станала многу ранлива по неодамнешното ракетирање на стратешките мостови во Херсон. Британците велат дека градот Херсон сега е практично отсечен од остатокот на истоимениот регион.