Русија најави прекин на огнот од денеска со цел да се евакуираат цивилите од челичарницата „Азовстал“, откако украинските власти кажаа дека вчера бил лансиран целосен напад на последното упориште на украинските борци во Мариупол. Руската војска соопшти дека маршрутите за извлекување на цивилите ќе бидат отворени од седум до 17 часот на 5, 6 и 7 мај. Во тој период, руските сили ќе запрат со своите активности и ќе се повлечат на безбедна дистанца.
Сепак, Украина тврди дека жестоките борби во челичарницата продолжиле и утрово.
Командирот на Азовскиот баталјон, Денис Прокопенко, изјави дека во „Азовстал“ се водат крвави борби и дека руските сили влегле на територијата на фабриката по неколку дена постојани напади. Упадот во фабриката го потврдија и украинските власти.
„Горд сум на моите војници, кои прават натчовечки напори за да го издржат притисокот од непријателот. Ситуацијата е екстремно тешка“, напиша Прокопенко на Телеграм.
Се верува дека во подземните бункери на огромната фабрика се кријат уште околу 200 цивили, како и непознат број украински бранители. Претседателот Зеленски упати нов апел до Обединетите нации да помогнат во извлекувањето на оние кои останале во „Азовстал“.
„Сите ни се важни. Бараме од вас помош за да ги спасиме“, кажа Зеленски.