Русија имаше амбициозен план да вакцинира 30 милиони луѓе до средина на јуни, но остана покуса за една третина. Токму затоа, повеќето регионални влади низ земјата воведуваат задолжително вакцинирање за некои работници, а тоа ќе биде потребно и за влез во некои места, како ресторани.
И додека голем број западни земји веќе ги укинаа рестрикциите и се вратија во релативно нормален живот, Русија повторно се соочува со пораст на бројот на новозаразени, иако беше првата држава на светот која одобри вакцина против ковид-19. Бројот на нови случаи на зараза порасна од 9.000 во почетокот на месецов на 17.000 на 18 јуни, додека во изминатите два дена имаше по 20.000.
До вчера, 21 милион Руси, односно 14% од популацијата, примиле најмалку една доза од вакцината, а целосно се вакцинирани само 11%.
Како резултат на ова, 18 руски региони, од Москва и Санкт Петербург до Сахалин на крајниот исток, го направија вакцинирањето задолжително за вработените во одредени сектори, како владини институции, трговија, образование, угостителство и здравствена грижа.
Московските власти велат дека компаниите би требало да ги суспендираат сите свои вработени кои одбиваат да се вакцинираат и се заканија дека привремено ќе ја запрат работата на бизнисите кои нема да ја исполнат целта да имаат барем 60% вакцинирани вработени до 15 јули.
Од понеделник, сите ресторани, барови и кафулиња во Москва ќе примаат само гости кои се вакцинирани, ја прележале болеста или ако приложат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа. Гувернерот на јужниот регион Краснодар, на кој му припаѓа и Сочи, кажа дека тамошните хотели и санаториуми од 1 август ќе примаат само вакцинирани гости.