РУСИНКАТА КОЈА УПАДНА ВО ТВ-ПРОГРАМАТА СО ТРАНСПАРЕНТ ПРОТИВ ВОЈНАТА ВО УКРАИНА СЕ СООЧУВА СО 15 ГОДИНИ ЗАТВОР

    РУСИНКАТА КОЈА УПАДНА ВО ТВ-ПРОГРАМАТА СО ТРАНСПАРЕНТ ПРОТИВ ВОЈНАТА ВО УКРАИНА СЕ СООЧУВА СО 15 ГОДИНИ ЗАТВОРТранспарентот на Марина Овсјаникова беше видлив неколку секунди, пред програмата да биде прекината

    Жената која синоќа упадна во програмата на руската државна телевизија „Канал еден“ држејќи транспарент против војната во Украина се соочува со затворска казна и до 15 години. Таа е идентификувана како Марина Овсјаникова и работела како уредничка и продуцентка во телевизијата.

    Нејзиниот транспарент „Не на војна, запрете ја војната, не верувајте на пропагандата, ве лажат тука“, со кој застана зад водителката на вечерните вести, беше видлив неколку секунди, пред програмата да биде прекината. Овсјаникова исто така може да се чуе како извикува „Запрете ја војната“.

    Групата за човекови права „ОВД-инфо“, која ги следи протестите и приведувањата во Русија, соопшти дека Овсјаникова е приведена. Русија неодамна донесе закон со кој ширењето „лажни вести“ за руската воена операција во Украина се казнува до 15 години затвор.

    Пред да упадне во програмата, што е најрадикалниот протест против руската инвазија досега, Овсјаникова оставила снимена видеопорака, во која настаните во Украина ги опиша како злосторство.

    „За жал, работев на ‘Канал еден‘ во изминатите години, работев на пропагандата на Кремљ. Се срамам што си дозволив да кажувам лаги преку телевизискиот екран. Се срамам што дозволив Русите да бидат претворени во зомбиња. Имаме моќ да го запреме ова лудило. Излезете на улиците, не плашете се, не можат сите да ве затворат“, вели Овсјаникова во видеопораката.

    Руските државни телевизии се строго контролирани од Кремљ и ја пренесуваат само руската верзија на настаните во Украина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира