РУСИТЕ СЕ ПОВЛЕКЛЕ И ОД ГРАДОТ КРЕМИНА ВО ЛУГАНСК, ТВРДИ УКРАИНСКИОТ ГУВЕРНЕР, КРЕМЉ ВЕЛИ ДЕКА НЕ ПЛАНИРА МОБИЛИЗАЦИЈА

    РУСИТЕ СЕ ПОВЛЕКЛЕ И ОД ГРАДОТ КРЕМИНА ВО ЛУГАНСК, ТВРДИ УКРАИНСКИОТ ГУВЕРНЕР, КРЕМЉ ВЕЛИ ДЕКА НЕ ПЛАНИРА МОБИЛИЗАЦИЈАУкраинската војска кажа дека во изминатите 24 часа ослободила повеќе од 20 населени места (Фото: АП)

    Москва објави дека не се дискутира за прогласување национална мобилизација за да се засили руската воена кампања во Украина по последните неочекувани порази, особено на источниот фронт. Ваквите барања се засилија на социјалните мрежи во изминатите денови откако Украина ги изненади руските сили со противофанзивата на истокот и југот, ослободувајќи територија од 6.000 квадратни километри, како што тврди Киев.

    „Тие повици за мобилизација се пример за плурализам и покажуваат дека Русите му даваат целосна поддршка на претседателот Путин“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

    Украинската војска соопшти дека во изминатите 24 часа ослободила повеќе од 20 населени места и дека стратешки важниот мост „Антоновски“ во јужниот регион Херсон е неупотреблив за руските сили.

    Гувернерот на Луганск, Серхиј Гајдај, објави дека Русите го напуштиле и градот Кремина, што го освоија во првите денови од офанзивата во Донбас.

    „Русите целосно ја напуштиле Кремина, но нашите вооружени сили сè уште не влегле во градот. Ја следиме и ситуацијата во Лиман, чие ослободување е клучно за целиот регион. Борбите сè уште се водат околу градот. Деокупацијата на Луганск ќе почне од Кремина и Сватове, од каде што Русите почнале да ја повлекуваат опремата. Кремина е целосно празна денеска, партизаните го кренале украинското знаме таму“, напиша Гајдај на Телеграм.

    Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, изјави дека украинските сили оствариле значаен напредок во својата противофанзива, но додаде дека засега е рано да се предвиди исходот.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира