РУСИТЕ ВЛЕГОА ВО ГРАДОТ ВОВЧАНСК, ЗЕЛЕНСКИ ГИ ОТКАЖА СИТЕ ПАТУВАЊА ПОРАДИ ОФАНЗИВАТА ВО ХАРКИВСКИОТ РЕГИОН

    РУСИТЕ ВЛЕГОА ВО ГРАДОТ ВОВЧАНСК, ЗЕЛЕНСКИ ГИ ОТКАЖА СИТЕ ПАТУВАЊА ПОРАДИ ОФАНЗИВАТА ВО ХАРКИВСКИОТ РЕГИОНУкраинската војска се повлекла на поповолни позиции во две области во харкивскиот регион (Фото: Гети)

    Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги откажа сите патувања во странство поради влошување на ситуацијата на североистокот на земјата, каде што руската пешадија влегла во пограничниот град Вовчанск.

    Освојувањето на градот оддалечен пет километри од границата би претставувал најзначаен успех на руската војска откако во петокот почна офанзива во регионот Харкив и отвори нов фронт. Овој напад ги растегна веќе ослабнатите украински сили во пресрет на нова руска офанзива што Киев ја очекува во следните недели.

    „Ситуацијата е крајно тешка. Непријателот зазема позиции на улиците на Вовчанск. Полицијата останува во градот и помага во евакуацијата на жителите“, изјави шефот на локалната полиција Олексиј Харкивски.

    Украинската војска претходно соопшти дека се повлекла на поповолни позиции во две области во харкивскиот регион, вклучувајќи го Вовчанск.

    „Некои руски пешадиски групи влегоа во Вовчанск“, потврди портпаролот на украинското министерство за одбрана Дмитро Лазуткин.

    Поради ваквиот развој на настаните, Зеленски ги откажа сите меѓународни активности за следните денови. Киев вели дека рускиот напад на североистокот не претставува опасност за самиот град Харкив.

    Руското министерство за одбрана објави дека руските сили зазеле уште две населени места во Харкив, како и селото Роботине во Запорожје, за кое минатото лето се водеа жестоки борби во украинската противофанзива.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира