Украинските сили денеска ја засилија контраофанзивата на истокот на земјата, искористувајќи го брзиот напредок што го постигнаа во еднонеделните борби кои нагло го променија текот на конфликтот. Брзата акција на Украина за враќање на областите окупирани од Русија во североисточниот регион Харкив ја принуди Москва да ги повлече своите трупи за да спречи да бидат опколени, оставајќии значителни количини оружје и муниција во избрзаното повлекување. Денеска е 200-ти ден од војната.
Радосниот украински претседател Володимир Зеленски во видеообраќање доцна синоќа ги исмеваше Русите, велејќи дека „руската армија во овие денови го покажува најдоброто што може да направи – да покаже грбот“. Повлекувањето на Русите го означи најголемиот успех на бојното поле за украинските сили откако го спречија рускиот обид да го заземе главниот град Киев на почетокот на речиси седуммесечната војна.
Во обид да спаси образ, руското Министерство за одбрана соопшти дека повлекувањето на војниците од Изум и другите области во регионот Харкив имало за цел да ги зајакне руските сили во соседниот регион Доњецк на југ. Тврдењето звучеше слично на оправдувањето што Русија го даде за повлекувањето на своите сили од регионот на Киев, кога не успеаја да го заземат главниот град.
Групата руски сили околу Изум беше клучна за напорите на Москва да го заземе регионот на Доњецк, а нивното повлекување сега драматично ќе ја ослаби руската способност за офанзива на тој терен.
Повлекувањето предизвика лути коментари од руските воени блогери, кои го жалат како голем пораз и го повикаа Кремљ да одговори со засилување на воените напори. Многумина остро ги критикуваа руските власти дека продолжуваат со огномет и други раскошни свечености во Москва со што вчера го одбележаа градскиот празник и покрај дебаклот во Украина.
Токму кога руските сили набрзина се повлекуваа од Изум под украински оган, рускиот претседател Владимир Путин присуствуваше на отворањето на огромното тркало за набљудување во московскиот парк, нова транспортна врска и спортска арена. Настанот ги нагласи напорите на Кремљ да продолжи да се преправа дека војната што ја нарекува „специјална воена операција“ се одвива според планот без да влијае на ситуацијата во земјата.