РУСКИ ДРОН ПОГОДИ УКРАИНСКИ ПАТНИЧКИ ВОЗ НА ДВА КИЛОМЕТРИ ОД ПОЛСКАТА ГРАНИЦА

    РУСКИ ДРОН ПОГОДИ УКРАИНСКИ ПАТНИЧКИ ВОЗ НА ДВА КИЛОМЕТРИ ОД ПОЛСКАТА ГРАНИЦАОд Министерството за одбрана на Русија соопштија дека цел на нападите била железничката инфраструктура во западните региони на Украина, преку која се превезува воен товар од европските држави. (Фото: Икс/принтскрин од видео)

    Патнички воз што сообраќал на линијата меѓу Киев и Варшава бил погоден од руски дрон на само два километри од полската граница, во напад за кој украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха рече дека претставува руски терор што тропа директно на вратите на Европската Унија и НАТО.

    Во текот на ноќта беа извршени масовни напади ширум Украина со повеќе од 450 руски дронови и ракети, при што загинаа најмалку шест лица, а повредени се над 40. Украинските воздухопловни сили соопштија дека собориле 405 дронови и четири ракети. Западна Украина, која вообичаено е помирна во споредба со Киев и фронтовските линии на истокот, овој пат беше цел на особено силни удари.

    Нападите предизвикаа тревога за воздушна опасност и во соседна Полска. Украинските и полските власти соопштија дека проектил погодил и камион на помалку од еден километар од граничниот премин Дорохуск-Јагодин.

    Полскиот премиер Доналд Туск свика вонреден состанок по нападите во близина на границата и предупреди дека следните недели и месеци ќе донесат многу интензивни руски дејствија, додавајќи дека не може да се исклучи можноста ескалацијата да ја зафати и полската територија. Министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски, наведе дека рускиот претседател врши ескалација, додека министерот за внатрешни работи Марчин Кјервињски кажа дека состојбата постојано се следи со највисока сериозност и дека Русија е непријател на слободниот свет.

    Од Министерството за одбрана на Русија соопштија дека цел на нападите била железничката инфраструктура во западните региони на Украина, преку која се превезува воен товар од европските држави.

    Во патничкиот воз за Варшава нема настрадани бидејќи патниците биле евакуирани навреме. Железничките работници организирано ги засолниле патниците во крајпатните грмушки покрај блиското езеро.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира