Политичар и адвокат од Санкт Петербург побара од обвинителите да покренат истрага против Владимир Путин зашто го употребил зборот војна за да го опише конфликтот во Украина, тврдејќи дека го прекршил сопствениот закон.
Путин со месеци го користи изразот специјална воена операција за да ја опише инвазијата на Украина, а во март потпиша закон кој предвидува казни и затвор за дискредитирање или ширење лажни информации за руските вооружени сили, што подразбира и забрана на користењето на зборот војна. Сепак, тој отстапи од вообичаениот речник вчера, кога пред новинари кажа дека „нашата цел е да ја завршиме војната“.
Никита Јуферев, опозициски советник во родниот град на Путин, вели дека е свесен дека неговата тужба е залудна, но сепак ја поднесол за да ги разоткрие лагите на системот.
„За мене е важно да го направам тоа, за да го свртам вниманието на контрадикциите и неправдите на законите потпишани од Путин, што самиот тој не ги почитува“, изјави Јуферев.
Во својата тужба, Јуферев бара од јавниот обвинител и министерството за внатрешни работи да го обвинат Путин врз основа на законот за ширење лажни вести за акциите на руските вооружени сили. Тој потсети дека критичарите на Путин кои го употребија зборот војна сега трпат страшни последици.