Русија ја пополни празнината од повлекувањето на Американците од североисточна Сирија и ги распореди своите сили на линијата на разграничувањето меѓу сириската војска и турските сили. Тие почнале да патролираат околу градот Манбиџ, покажувајќи дека Москва буквално станала посредник во новиот конфликт во осумгодишната војна во Сирија.
Барајќи нов заштитник по повлекувањето на САД, курдската администрација пред неколку дена постигна договор со владата во Дамаск, која има поддршка од Русија, да помогне да се запре турската офанзива. Во замена, Курдите ја предадоа контролата врз градовите Манбиџ и Кобане, од каде што сириската војска се повлече уште во 2012 година, со цел да се бори против бунтовниците на други места.
„Овдека беа Американците вчера, сега сме ние“, вели рускиот новинар Олег Блохин во видеоснимката која го прикажува доаѓањето на руски оклопни возила во напуштената американска база во селото Ал-Садија.
Сириската војска синоќа влезе во Манбиџ, кој останува клучна воена цел и на Турција, изјави претседателот Ердоган.
„Русија е против оваа турска операција и нема да дозволи директен судир помеѓу војска на НАТО и сириските сили. Никој не е заинтересиран за тоа“, изјави специјалниот руски претставник во Сирија, Александер Лаврентјев.