Уредникот на рускиот независен весник „Новаја газета“, Дмитри Муратов, го продаде медалот на Нобеловата награда за мир, што ја доби лани, за 103,5 милиони долари. Муратов кажа дека парите собрани на аукцијата ќе бидат донирани за бегалците од војната во Украина.
Муратов ја доби Нобеловата награда за бранење на слободата на изразувањето во Русија, но неговиот весник престана да работи во март, набргу по почетокот на руската инвазија на Украина.
Аукциската куќа „Херитиџ“ не објави кој го купил медалот на аукцијата во Њујорк.
Муратов, кој ја доби Нобеловата награда заедно со Филипинката Марија Реса, беше меѓу шестемина новинари кои го основаа „Новаја газета“ во 1993 година. Од 2000 беа убиени шестмина новинари и соработници на весникот, вклучувајќи ја истражувачката новинарка Ана Политковскаја.