Максим Кузминов, младиот руски пилот кој во август пребегна во Украина со хеликоптер, е пронајден мртов во Шпанија, изјави Андриј Јусов од Главниот разузнавачки директорат на Украина.
„Можеме да потврдиме дека е мртов“, кажа Јусов.
Според руските медиуми, Кузминов бил застрелан со пет куршуми. Неговото тело било пронајдено во подземен паркинг во шпанската провинција Аликанте.
Минатиот август, украинските разузнавачи спроведоа успешна акција во која Кузминов доброволно довезол хеликоптер „Ми-8“ од Русија во харкивската област. Притоа биле добиени и вредна документација и тајна техничка опрема.
Кузминов рекол дека мотивот за пребегнувањето било несогласувањето со руската инвазија на Украина, во која не сакал да учествува. За возврат, тој требало да добие безбедносни гаранции, нови лични документи и парична компензација.
„Вистината е дека во Украина нема нацисти и фашисти и многу ми е жал за ова што се случува сега“, изјави Кузминов во еден документарец.
Тој бил повреден при слетувањето, додека двајцата други членови на екипажот одбиле да се предадат и загинале.