САД ДОСТИГНАА ЦРН РЕКОРД ОД 500.000 МРТВИ ОД КОВИД-19, 100.000 ЛУЃЕ ПОЧИНАЛЕ ВО ИЗМИНАТИТЕ 30 ДЕНА

    САД ДОСТИГНАА ЦРН РЕКОРД ОД 500.000 МРТВИ ОД КОВИД-19, 100.000 ЛУЃЕ ПОЧИНАЛЕ ВО ИЗМИНАТИТЕ 30 ДЕНАЛекар ја држи раката на починат пациент од ковид-19 во болница во Лос Анџелес (Фото: АП)

    Американскиот претседател Џо Бајден ѝ се обрати на нацијата откако земјата го помина прагот од 500.000 починати од ковид-19.

    „Како нација, не смееме да прифатиме вака сурова судбина. Не смееме да останеме неми на тагата“, изјави Бајден

    Бајден, потпретседателката Камала Харис и нивните сопружници со минута молчење пред Белата куќа им оддадоа почит на жртвите, а во наредните пет дена, знамињата ќе бидат спуштени на половина копје на сите федерални објекти. Во САД досега се потврдени 28,1 милион случај на коронавирус.

    „Денеска ги замолувам Американците да се сеќаваат. Сеќавајте се на оние што ги изгубивме. Денеска достигнавме мрачен, потресен рекорд – 500.071 починат. Тие луѓе често се опишуваат како обични Американци, но не постои такво нешто. Луѓето што ги изгубивме беа исклучителни. Голем дел од нив биле сами кога го испуштиле последниот здив“, кажа Бајден.

    Тој забележа дека ова е повеќе од вкупната бројка загинати американски војници во Првата и Втората светска војна и во Виетнам.

    На 19 јануари, само ден пред да влезе во Белата куќа, Бајден ја обележа бројката од 400.000 Американци кои починале од ковид-19, а само еден месец подоцна, таа е поголема за 100.000. И покрај тоа, бројките во САД се подобруваат, што се должи на забрзаната имунизација.

    Здравствените власти проценуваат дека уште 90.000 Американци ќе ја изгубат битката со ковид-19 до 1 јуни. До крајот на мај, вирусот ќе убива околу 500 луѓе на ден, што моментално изнесува 2.000.

    Во САД дневно во просек се вакцинираат 1,7 милиони луѓе, двојно повеќе отколку пред Бајден да стане претседател.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира