САД го притискаат Иран да престане да ѝ продава дронови на Русија во рамките на пошироките разговори за деескалирање на односите помеѓу Вашингтон и Техеран, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на добро упатени извори.
Русија интензивно ги користи таканаречените камиказе дронови „шахед“ за воздушни напади на цели во Украина, па САД сега го притискаат Иран да престане да ѝ ги продава овие беспилотни летала, како и резервни делови. Белата куќа и иранското министерство за надворешни работи досега не ги коментираа овие извештаи.
Оваа вест следува додека САД и Иран се обидуваат да ги намалат меѓусебните тензии и да ги оживеат разговорите за иранската нуклеарна програма. Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, изјави дека ќе ги поздрават „сите ирански чекори за деескалирање на нуклеарните закани“.
„Фајненшл тајмс“ објави дека овие разговори се воделе минатата недела, заедно со преговорите за размена на затвореници. Иран дозволи четворица затворени американски граѓани да бидат префрлени во домашен притвор и најави дека би можеле да бидат ослободени во замена за одмрзнување на шест милијарди долари ирански фондови во Јужна Кореја.