САД кажаа дека нападнале ирански воени објакти викендов, додека Иранската револуционерна гарда објави дека за одмазда гаѓала американска база, што е последната размена на напади во услови кога мировните преговори се одолговлекуваат.
Централната команда на американската војска кажа дека извела самоодбранбени напади врз ирански радар и заповедно-контролни центри за дронови во Горук и на островот Кешм.
„Нападите во саботата и неделата беа одговор на агресивните ирански акции, што вклучуваа соборување на американски дрон што леташе над меѓународни води“, соопшти командата.
Иранската гарда не прецизираше која база нападнала, но сирени за воздушна тревога се огласија во Кувајт. Иранската војска кажа дека нејзиниот одговор ќе биде целосно различен ако американската агресија се повтори.
Иран и САД прогласија прекин на огнот на 8 април, но досега не постигнаа договор за траен крај на војната, иако Доналд Трамп во неколку наврати кажа дека се блиску. Американските медиуми објавија дека Трамп побарал измени на американско-иранскиот договор за крај на војната, кои се однесуваат на Ормускиот Теснец и високо збогатениот ураниум. Главниот ирански преговарач Мохамед Багер Калибаф изјави дека Иран нема да се согласи на договор кој не ги почитува иранските права во целост.
Според сајтот „Аксиос“, најновата верзија на договорот вклучува 60-дневен прекин на насилствата, повик за повторно отворање на Ормускиот Теснец и рамка за повторно отворање на преговорите за нуклеарната програма на Иран.
„Единствената гаранција што морам да ја имам е дека Иран нема да има нуклеарно оружје. Тие се согласија на тоа и беше многу интересно“, кажа Трамп, но додаде дека не му се брза да склучи договор.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека доколку договорот со Иран не ги исполни очекувањата на претседателот, нападите би можеле да продолжат.



