Американските одбранбени власти уште пролетта ја блокирале Украина од користење на американски ракети со долг дострел за напади врз цели во Русија, како дел од обидот на администрацијата на Трамп да го поттикне Владимир Путин да влезе во мировни преговори, објави вчера „Вол Стрит џурнал“.
Според „Вол Стрит џурнал“, Пентагон ја блокирал Украина да користи американски тактички ракетни системи „Атацмс“ (Atacms). Двајца американски претставници изјавиле дека Украина побарала да ги користи во најмалку една прилика, но била одбиена преку „механизам за ревизија“ развиен од Елбриџ Колби, заменик-министер за политика во Пентагон. Тој регулира како може да се користи американското оружје со долг дострел или она што го обезбедуваат европските сојузници, а кое се потпира на американска разузнавачка поддршка и компоненти.
Според „Вол Стрит џурнал“, системот за ревизија му дава на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет овластување за одобрување на употребата на „Атацмс“, кои имаат дострел од речиси 305 километри. Украина претходно доби дозвола од администрацијата на Бајден во ноември да го користи ракетниот систем за напади врз цели во Русија, откако севернокорејските трупи се вклучија во војната.
Пред инаугурацијата во јануари, Трамп за „Тајм“ изјави дека била грешка одлуката да ѝ се дозволи на Украина да користи американски оружени системи за напади врз цели во Русија.