Ана Монтес, најпознатата шпионка од Студената војна фатена од САД, е ослободена од затвор по повеќе од 20 години. Шеесет и петгодишната Монтес помина две децении зад решетки поради шпионирање за Куба додека работела како аналитичар во Одбранбената разузнавачка агенција.
По нејзиното апсење во 2001, властите кажаа дека таа речиси целосно ги разоткрила американските разузнавачки операции. Еден функционер ја опиша како еден од најопасните шпиони кои биле фатени од САД.
„Монтес компромитираше сè, речиси сè што знаевме за Куба и за тоа како дејствувавме таму. Кубанците знаеја сè што знаевме за нив и тоа можеа да го искористат во своја предност“, кажа шефицата на американското контраразузнавање Мишел ван Клив во 2012.
По апсењето, Монтес беше обвинета за откривање на идентитетот на четворица американски шпиони, како и на огромно количество доверлив материјал. Беше осудена на 25 години затвор, откако судијата кажа дека целата нација ја довела во ризик.
Сепак, за разлика од останатите познати шпиони од Студената војна, Монтес била мотивирана од идеологија, а не од лични цели. Таа се согласила да работи за Куба поради противењето на активностите на администрацијата на Реган во Латинска Америка во 1980-ите.