Американскиот министер за одбрана Лојд Остин предупреди дека не постои само една работа која би можела да ја сврти војната во Украина во полза на Киев, откако Володимир Зеленски го повика западот да дозволи користење оружја со долг дострел за гаѓање цели во Русија.
На редовниот состанок со сојузниците во американската воена база Рамштајн во Германија, Зеленски уште еднаш побара проектили со долг дострел и укинување на ограничувањата за нивно користење за да можат да се напаѓаат цели во внатрешноста на Русија, како аеродроми.
Остин вети дека САД и сојузниците ќе продолжат да ѝ даваат силна поддршка на Украина и најави нова воена помош од 250 милиони долари. Сепак, тој смета дека напади врз Русија со западни оружја нема да го сменат текот на војната.
„Русија веќе ги премести авионите кои лансираат лизгачки бомби кон Украина надвор од дострелот на проектилите ‘АТАЦМС‘. Не постои само една работа која би била решавачка во оваа војна. Украина веќе располага со капацитети, како дронови, со кои може да напаѓа цели во внатрешноста на Русија“, рече Остин.
Новото барање на Зеленски доаѓа додека се случуваат важни моменти во две и полгодишната војна, како украинскиот упад во Курск и руското напредување кон Покровск во Доњецк.
„Ни требаат овие капацитети со долг дострел не само за окупираните територии на Украина, туку и за руската територија, за да ја натераме Русија да бара мир“, кажа Зеленски.