САД поставија нов светски рекорд откако во изминатите 24 часа регистрираа 1,35 милиони нови случаи на коронавирус, додека ширењето на сојот омикрон не покажува знаци на запирање во земјата.
Претходниот рекорд од 1,03 милиони новозаразени датираше од 3 јануари. Сепак, големата бројка нови случаи што се објавува секој понеделник се должи и на тоа што многу сојузни држави не даваат извештаи преку викенд.
Седумдневниот просек на нови случаи стана тројно поголем за две недели и сега изнесува 700.000 на ден. Во изминатите три недели се удвои бројот на хоспитализирани лица, кој исто така е најголем од почетокот на пандемијата. Во американските болници моментално лежат 136.604 ковид пациенти, со што е надминат рекордот од јануари минатата година, кога во еден момент ги имало 132.501.
Просекот на смртни случаи од ковид-19 е 1.700 на ден, што е во рамките на нивото од оваа зима.
„Фајзер“ кажа дека веројатно ќе има потреба од редизајнирана вакцина против омикрон, која би била спремна до март.