Американската војска објави дека погодила повеќе од 2.000 цели во Иран од почетокот на заедничката воена операција со Израел во саботата, при што била уништена целата иранска морнарица. Заповедникот на Централната команда, адмиралот Бред Купер, кажа дека во мисијата учествуваат 50.000 војници, 200 борбени авиони и два носача на авиони.
„Американските сили уништија 17 ирански бродови, потопена е целата иранска морнарица. Фокусот е да се пука во сѐ што би можело да пука во нас“, рече Купер.
Според него, Иран досега лансирал над 500 балистички проектили и 2.000 дронови, напаѓајќи ги и соседните земји. Жестоките американско-израелски напади продолжиле и ноќеска, при што мета биле и Техеран и Бејрут, но сирени за воздушна тревога утрово се огласиле и во поголемиот дел од Израел.
„Гледаме дека способноста на Иран да нè нападне нас и нашите партнери се намалува, додека нашата борбена моќ се зголемува. Мојата целокупна оперативна проценка е дека мисијата се одвива побрзо од предвидениот рок“, рече Купер.
Иранската револуционерна гарда утрово објави дека лансирала над 40 проектили кон американски и израелски мети.
Организацијата за човекови права ХРАНА со седиште во САД кажа дека досега се убиени 1.097 цивили во Иран, вклучувајќи 181 дете помлади од десет години. Повредени се над 5.000 луѓе.



