Новото антикорупциско тело на Саудиска Арабија одреди притвор за 11-мина принцови, четворица сегашни и за уште десетина поранешни министри, објави телевизијата „Ал Арабија“.
Апсењата уследија само неколку часа, откако овој комитет беше основан со кралски декрет. На негово чело се наоѓа принцот Мохамед бин Салман.
Меѓу приведените е и принцот Алвалид бин Талал, милијардер со инвестиции во „Твитер“ и во „Епл“. Тој е еден од најбогатите луѓе на светот, чие богатство „Форбс“ го проценува на 17 милијарди долари.
Кралот Салман, исто така, ги разреши првите луѓе на националната гарда и на морнарицата и овој потег се сфаќа како негов обид да ја консолидира својата и онака голема моќ. Со само 32 години, Салман е доминантна фигура во саудиската армија, како и во економијата и во надворешната политика на земјата.
„Татковината не може да постои сѐ додека корупцијата не е искоренета, а корумпираните се на слобода“, стои во декретот на комитетот, кој има право да издава налози за апсење и да забранува патувања.