Петмина мртви и над 200 ранети е најновиот трагичен биланс на вчерашниот напад на божиќен пазар во германскиот град Магдебург, што го изврши лекар по потекло од Саудиска Арабија. Педесетгодишниот напаѓач со автомобил „БМВ“ се заби во луѓето собрани да уживаат во предбожиќната сезона, а меѓу загинатите е и едно дете.
Мотивот на нападот останува непознат и премиерот Олаф Шолц кажа дека уапсениот напаѓач Талеб А. ќе биде истражен со големи прецизност и длабочина.
„Речиси 40 од повредените се во сериозна состојба и мора да бидеме загрижени за нив“, кажа Шолц при посетата на Магдебург.
Во меѓувреме, германските медиуми објавуваат нови детали за напаѓачот, за кого се вели дека дошол во Германија во 2006, а десет години подоцна добил азил. Работел како психијатар во градот Бернбург, оддалечен 40 километри од Магдебург. Во едно интервју од 2019 рекол дека е антиисламистички активист.
„Луѓето како мене, кои имаат исламско потекло, но повеќе не се верници, муслиманите овде не ги прифаќаат со разбирање и толеранција. Јас сум најагресивниот критичар на исламот во историјата“, рекол тој за германскиот весник „ФАЦ“.
Негови објави на социјалните мрежи откриваат дека бил гласен критичар на исламот и промовирал теории на заговор дека германските власти сакаат да ја исламизираат Европа. Исто така ја симпатизирал крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија.
„Една работа што можеме да ја потврдиме е дека напаѓачот имал и ширел исламофобни ставови“, изјави германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер.