Најмалку 53 луѓе загинаа, а десетици се повредени откако се преврте камион во јужно Мексико. Во камионот имало повеќе од 100 луѓе, за кои властите кажаа дека се мигранти од Централна Америка.
„Ова е една од најсмртоносните сообраќајни несреќи во Мексико, при што најмалку 58 лица се повредени, од кои некои сериозно“, изјави шефот на цивилната заштита на Чијапас, Луис Мануел Гарсија.
Тој додаде дека меѓу жртвите има и жени и деца, но засега не се знае националноста на патниците. Локалните власти кажаа дека најмногу се од Хондурас и Гватемала.
Камионот наводно возел брзо кога се превртел на остра кривина и удрил во пешачки мост. Чијапас, кој граничи со Гватемала, е главна транзитна точка за шверц на мигранти.
Илјадници мигранти секоја година бегаат од сиромаштијата и насилствата во Централна Америка и се обидуваат да стигнат до САД преку Мексико. Многумина од нив им плаќаат на шверцери, кои илегално ги превезуваат во преполни камиони.