Автобус со српски државјани се преврте на автопат во Бугарија, при што се повредени најмалку 12 лица, од кои осум деца. Несреќата се случи во близина на Стара Загора, а дел од повредените се во тешка состојба.
Според директорот на Универзитетската болница во Стара Загора, Јовчо Јовчев, хоспитализираните деца се на возраст од шест до 17 години.
Во автобусот имало 48 патници, сите државјани на Србија. Тие се враќале од Сончев Брег, откако учествувале на фестивал во Несебар, јавуваат бугарските медиуми.
Според очевидците, автобусот нагло свртел и паднал во ендек. Во несреќата не учествувало друго возило.