Северна Кореја лансираше интерконтинентален балистички проектил, кој летал 86 минути, што е најдолгиот регистриран лет досега. Проектилот поминал над 1.000 километри, пред да падне во водите покрај брегот на Северна Кореја, објавија Јужна Кореја и Јапонија.
Проектилот бил испукан под остар агол и достигнал височина од 7.000 метри, што значи дека би поминал и поголемо растојание доколку бил лансиран хоризонтално.
„Ова лансирање ја покажува нашата волја да им одговориме на нашите непријатели. Северна Кореја никогаш нема да се откаже од зајакнувањето на своите нуклеарни сили“, изјави лидерот Ким Џонг Ун.
Јужна Кореја предупреди вчера дека Северна Кореја се подготвува да лансира интерконтинентален балистички проектил (ИКБМ) во деновите пред претседателските избори во САД на 5 ноември.
„Тестот требаше да покаже дека Северна Кореја развива проектили кои можат да летаат подалеку и повисоко“, објави министерството за одбрана на Јужна Кореја.
САД кажаа дека лансирањето претставува грубо кршење на повеќе резолуции на Обединетите нации.
Северна Кореја последен пат лансираше ИКБМ во декември 2023, остварувајќи лет од 73 минути.
„Пјонгјанг развива проектили кои можат да го погодат копното на САД, иако носат поголеми и потешки боеви глави или повеќе боеви глави одеднаш“, кажа Ким Донг-јуп, професор на Универзитетот за севернокорејски студии.