Северна Кореја ја нема запрено нуклеарната програма, ниту ракетната програма, прекршувајќи ги санкциите, покажа извештај на Советот за безбедност во Обединетите нации, до кој дојде „Би-Би-Си“. Според извештајот, Северна Кореја ги зголемила трансферите на нафта од танкер во танкер и се обидува да продава оружје во странство.
Доверливиот извештај е составен од панел експерти и доставен до Советот за безбедност во петокот. Северна Кореја засега не го коментира извештајот.
Минатата недела, американски функционери кажаа дека Пјонгјанг продолжува да произведува балистички проектили и покрај неодамнешното зближување со американскиот претседател Доналд Трамп и обврзувањето за денуклеаризација.
Трамп се сретна со лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун во Сингапур во јуни и двајцата лидери тогаш се обврзаа да работат на денуклеаризација на корејскиот полуостров, без да прецизираат како тоа ќе биде изведено.