Северна Кореја се обидела да ја украде технологијата за развој на вакцина против ковид-19 така што извршила хакерски упад во „Фајзер“, соопшти Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја. Новинската агенција „Јонхап“ не кажа кога се случил нападот и дали бил успешен.
Минатата година, севернокорејски хакери се обиделе да упаднат во најмалку девет здравствени компании и организации, вклучувајќи ги „Џонсон енд Џонсон“, „Новавакс“ и „АстраЗенека“. Јужнокорејските разузнавачи исто така спречиле севернокорејски обид за хакирање на јужнокорејски компании кои развиваат вакцини против ковид-19.
Дигиталната шпионажа на фармацевтски компании, здравствени организации и научници се засили за време на пандемијата на ковид-19, додека хакери поддржани од владите се обидуваат да дојдат до најнови информации и истражувања поврзани со вирусот.
Северна Кореја очекува да добие два милиона дози од вакцината на Оксфорд и „АстраЗенека“ до крајот на првата половина од годината преку Ковакс иницијативата. Во земјата досега официјално не е потврден ниеден случај на коронавирус.