Видеоснимка објавена од организација која работи со дезертери од Северна Кореја покажува како севернокорејските власти јавно осудуваат двајца тинејџери на 12 години тешка физичка работа како казна зашто гледале корејски забавни содржини. На снимката направена во Пјонгјанг во 2022 се гледаат двајца 16-годишници кои се осудени за гледање јужнокорејски серии и видеоспотови, што е строго забрането во Северна Кореја.
Таму со години се изрекуваат казни на сите кои ќе бидат фатени како гледаат јужнокорејски забавни содржини или го копираат начинот на кој зборат Јужнокорејците. Ова произлегува од законот против антиреакционерна мисла донесен во 2020 со цел да се спречат надворешни влијанија во земјата.
„Судејќи според тешката казна, се чини дека тоа треба да ги предупреди луѓето низ Северна Кореја. Ако е така, се чини дека јужнокорејската култура е распространета во севернокорејското општество. Мислам дека ова видео е направено околу 2022 година. Она што е проблематично за Ким Џонг Ун е што младите луѓе го сменија начинот на размислување и тој работи на тоа да ги врати кон севернокорејскиот начин.“, рече Чои Кјонг-хуи, доктор по политички науки од Универзитетот во Токио, кој пребегнал од Северна Кореја во 2001.
Видеото снимено од севернокорејските власти покажува големо јавно судење на кое двајца ученици врзани со лисици стојат пред околу 1.000 ученици во амфитеатар. Според снимката, учениците се осудени за гледање и ширење на јужнокорејски филмови, музика и видеоспотови.