Додека Корејскиот Полуостров се соочува со топлотен бран, севернокорејските државни медиуми промовираа сè, од супа од кучешко месо до пилешка чорба, како начини за справување со жештините, додека Ким Џонг Ун го прикажуваа како лидер кој трпи сурови услови заедно со својот народ.
Државната телевизија во четвртокот објави дека температурата достигнала 36,7 Целзиусови степени во Пјонгјанг, најмногу откако се вршат метеоролошките мерења во главниот град.
Државните медиуми посветија доста внимание на најжешките недели од годината, локално познати како самбок или кучешки денови од летото. Меѓу попривлечните препораки е супата од кучешко месо, што го одразува традиционалното верување дека им помага на луѓето да ја издржат летната топлина.
Весникот на владејачката партија „Родонг Синмун“ цитираше лекар од општата болница во Пјонгјанг, кој препорача храна за разладување, како лубеница, краставици, супа од кучешко месо, каша од риба и каша од црвен грав.
Во посебен прилог за супата од кучешко месо се вели дека таа е традиционална летна храна и беше наведено дека оваа година се одржал национален натпревар во готвење кучешко месо.



