ШЈИ ЏИНПИНГ СТАНА НАЈМОЌЕН КИНЕСКИ ЛИДЕР, ВО НОВИОТ ТИМ ДОМИНИРААТ ЛОЈАЛНИТЕ

    ШЈИ ЏИНПИНГ СТАНА НАЈМОЌЕН КИНЕСКИ ЛИДЕР, ВО НОВИОТ ТИМ ДОМИНИРААТ ЛОЈАЛНИТЕШји доби историски трет мандат за шеф на владејачката Комунистичка партија, а некои очекуваат да се обиде да остане на власт доживотно. (Фото: АП)

    Претседателот Шји Џинпинг, најмоќниот кинески лидер во последните децении, ја зголеми својата доминација со тоа што денеска доби историски трет мандат за шеф на владејачката Комунистичка партија и промовираше сојузници кои ја поддржуваат неговата визија за построга контрола врз општеството и економијата која се бори со проблеми. Шји, кој ја презеде власта во 2012, доби трет петгодишен мандат како генерален секретар, отфрлајќи го партискиот обичај според кој неговиот претходник си замина по 10 години на функција. Некои очекуваат 69-годишниот лидер да се обиде да остане на власт доживотно.

    Вчера, претходникот на Шји, 79-годишниот Ху Џинтао, ненадејно го напушти состанокот на Централниот комитет на партијата со помошник кој го држеше за рака. Тоа поттикна прашања дали Шји ги растегнува своите овластувања со протерување други лидери. Официјалната новинска агенција Хсинхуа подоцна објави дека Ху е во лоша здравствена состојба и дека треба да се одмори.

    Партијата именуваше и седумчлен Постојан комитет, нејзиниот внатрешен круг на моќ, во кој доминираат сојузниците на Шји, откако премиерот Ли Кечјијанг, лидер број 2 и поборник за пазарно ориентирани реформи и приватно претприемаштво, вчера беше отфрлен од раководството. Тоа се случи и покрај тоа што Ли е една година помлад од неформалната возраст од 68 години за пензионирање во партијата.

    Шји и другите членови на Постојаниот комитет денеска се појавија за првпат како група пред новинарите во Големата народна сала, седиштето на церемонијалниот законодавен дом на Кина во центарот на Пекинг.

    Најнеобичното назначување е што градоначалникот на Шангај Ли Чјианг стана премиер, лидер број 2 во земјата, а со тоа и оној што ќе управува со кинеската економија. Чјианг е познат по катастрофалното менаџирање на карантинот за ковид во Шангај при што имаше значителен недостиг на храна за 10-тина милиони луѓе, па тоа што тој сега стана задолжен за економско планирање испраќа сигнал дека лојалноста кон Шји Џинпинг ја надминува способноста. Жао Леџи, член на претходниот комитет, е унапреден во број 3, со што ќе раководи со законодавниот дом. Тие владини позиции треба да бидат доделени кога законодавниот дом ќе се состане следната година.

    Промените на лидерството беа објавени кога партијата го заокружи конгресот кој се одржува двапати во една деценија, на кој внимателно се следеа знаци за иницијативи за стопирање на економскиот пад или за промени во тешката стратегија „нулта-ковид“ што ги затвори градовите и го наруши бизнисот. Официјалните лица ги разочараа инвеститорите и кинеската јавност со тоа што објавија дека нема промени.

    Изгледа дека составот го одразува она што некои коментатори го нарекоа „максимум Шји“, вреднувајќи ја лојалноста над способноста. Некои нови лидери немаат искуство на национално ниво како вицепремиер или министер во кабинетот, што обично се смета за услов за функцијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира