ШПАНИЈА И ХРВАТСКА ИСПРАТИЈА АВИОНИ ДА ГИ ГАСНАТ ПОЖАРИТЕ ВО ТУРЦИЈА, ЕРДОГАН ПОД КРИТИКИ ЗАШТО ЗЕМЈАТА ИМА САМО ТРИ УПОТРЕБЛИВИ ПРОТИВПОЖАРНИ АВИОНИ

    ШПАНИЈА И ХРВАТСКА ИСПРАТИЈА АВИОНИ ДА ГИ ГАСНАТ ПОЖАРИТЕ ВО ТУРЦИЈА, ЕРДОГАН ПОД КРИТИКИ ЗАШТО ЗЕМЈАТА ИМА САМО ТРИ УПОТРЕБЛИВИ ПРОТИВПОЖАРНИ АВИОНИДевет пожари беа активни денеска во провинциите Анталија и Мугла (Фото: АП)

    Шпански и хрватски авиони се вклучија во гаснењето на пожарите кои веќе седум дена пустошат во близина на јужните туристички центри во Турција, додека владата на Ердоган се соочува со жестоки критики за слабиот одговор и несоодветната подготвеност за вакви ситуации. Турските медиуми објавија дека земјата има на располагање само три употребливи противпожарни авиони, од кои два се позајмени од Русија.

    Девет пожари беа активни денеска во провинциите Анталија и Мугла, потпомогнати од силни ветрови, ниска влажност и температури од 40 Целзиусови степени, при што густ чад се издигнуваше над ридовите и шумите крај Бодрум и Мармарис.

    Авионите од Шпанија и Хрватска се придружија на оние од Русија, Иран, Украина и Азербејџан, кои дојдоа на помош на повик на Ердоган, иако властите претходно кажуваа дека ја имаат ситуацијата под контрола. Градоначалниците на Бодрум и Мармарис побараа уште авиони, додека огнот пустоши долж егејското и средоземното крајбрежје.

    Опозициските партии ги обвинуваат Ердоган и неговата влада дека немаат стратегија како да се справат со шумските пожари и дека со години не вложувале во противпожарните ресурси.

    Податоците на Европската служба за шумски пожари покажуваат дека оваа година во Турција имало трипати повеќе пожари од обично, при што изгорела површина од 136.000 хектари. Осум лица загинаа во 156 пожари кои избувнаа од средата, а илјадници беа евакуирани од своите домови и хотели.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира