ШПАНИЈА ПРИЈАВИ НАЈМАЛКУ ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19 ОД 24 МАРТ, ВО ЊУЈОРК НАД 10.000 МРТВИ ДОСЕГА

    ШПАНИЈА ПРИЈАВИ НАЈМАЛКУ ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19 ОД 24 МАРТ, ВО ЊУЈОРК НАД 10.000 МРТВИ ДОСЕГАПоловина од жртвите на коронавирусот во САД се во Њујорк (Фото: АП)

    Велика Британија стигна до бројката од 11.329 починати од коронавирусот, од кои 717 во последните 24 часа. Министерот за надворешни работи Доминик Раб извести дека земјата сѐ уште поминува низ врвот на кризата.

    „И покрај ужасните бројки, кои веројатно ќе продолжат да растат оваа недела, можеме да кажеме дека рестриктивните мерки го успоруваат ширењето на вирусот“, изјави Раб.

    На денот кога по две недели повторно им дозволи на работниците да се вратат во фабрики и на градилишта, Шпанија пријави 517 починати од КОВИД-19, што е најмала дневна бројка од 24 март. Има и 3.477 новозаразени, што, пак, е најмалку од 19 март.

    Коронавирусот досега однесе 17.489 животи во Шпанија, но властите предупредуваат дека оваа бројка е веројатно доста повисока, бидејќи голем дел случаи остануваат скриени.

    Италија ја надмина бројката од 20.000 починати од КОВИД-19, од кои 566 се од последните 24 часа, што е значителен пораст во споредба со вчера. Потврдени се и 3.153 нови случаи на зараза, најмалку во последните седум дена. Од почетокот на кризата, во Италија има речиси 160.000 заразени, од кои 20.065 починале, а над 35.000 се излекувани.

    Американската сојузна држава Њујорк стана шести регион на светот со повеќе од 10.000 починати од КОВИД-19, од кои 671 во последните 24 часа, објави гувернерот Ендрју Куомо.

    „Кривата на заразата е речиси израмнета, но на ужасно ниво на болка и тага“, изјави Куомо.

    Во САД досега има вкупно 22.850 починати.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира