ШПАНСКИОТ ПРЕМИЕР ГИ ОБВИНИ ШВЕРЦЕРСКИТЕ БАНДИ ОТКАКО 60.000 ЛУЃЕ ПРЕМИНАА ВО СЕУТА ОД МАРОКО, А 41 ЗАГИНАА

    ШПАНСКИОТ ПРЕМИЕР ГИ ОБВИНИ ШВЕРЦЕРСКИТЕ БАНДИ ОТКАКО 60.000 ЛУЃЕ ПРЕМИНАА ВО СЕУТА ОД МАРОКО, А 41 ЗАГИНААСанчез ги обвини криумчарите на луѓе за кризата, наведувајќи дека тие „ги залажуваат многубројните млади луѓе и на крајот многумина од нив ги водат во смрт – било во океанот или, како во овој случај, на шпанската граница кај автономниот град Сеута“. (Фото: АП)

    Шпанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека од четвртокот околу 50.000 мигранти ја преминале границата и влегле во Сеута, шпанска енклава во Северна Африка, движејќи се по копно и по море. Од нив, околу 25.000 веќе доброволно се вратиле назад, се додава во соопштението.

    Хуан Хесус Вивас, шефот на локалната власт во Сеута, изјави дека дури 60.000 луѓе успеале да преминат, рамно на 70 отсто од бројот на жители во градот кој е 83.600, и оти 41 лицe загиналo. Сеута и Мелиља – уште еден шпански автономен град во северниот дел на Мароко – се единствените копнени граници на Европската Унија со Африка.

    Шпанија и Мароко ја засилија границата кај Сеута. Мароканските сили ги потиснувале толпите луѓе со палки и солзавец на влезовите во Сеута, обидувајќи се да спречат уште повеќе луѓе насилно да навлезат на малата шпанска територија, која како песочен полуостров се протега од Мароко кон Средоземното Море.

    Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска ја посети Сеута и го осуди пробивањето на границата, и го нарече „повреда на територијалниот интегритет на Шпанија“. Санчез ги обвини криумчарите на луѓе за кризата, наведувајќи дека тие „ги залажуваат многубројните млади луѓе и на крајот многумина од нив ги водат во смрт – било во океанот или, како во овој случај, на шпанската граница кај автономниот град Сеута“.

    Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека ЕУ разговара со Мароко и ја нарече ситуацијата „неприфатлива“. Масовниот упад преку границата предизвика поделби во Европа, при што лидери на други земји од ЕУ побараа од Шпанија да обезбеди ставање на инцидентот под контрола.

    Франција соопшти дека ги засилува контролите на границата со Шпанија, а Италија се закани дека ќе ја исклучи Шпанија од Шенген системот на ЕУ за внатрешни отворени граници.

    Десничарските партии низ континентот за инцидентот ја обвинија релативно попустливата политика на Шпанија кон миграцијата, вклучително и амнестијата доделена оваа година на стотици илјади мигранти кои престојувале во земјата без дозвола.

    Можно објаснување за развојот на настаните е пресудата на Врховниот суд на Шпанија од почетокот на јули. Според неа, лицата кои ќе бидат пронајдени во морето при обид пливајќи да стигнат до Сеута не смеат веднаш да бидат вратени во Мароко. Наместо тоа, мора да биде спроведена редовна постапка согласно законите за странци.

    Шпанското Министерство за внатрешни работи ги обвинува мрежите за криумчарење луѓе дека ја злоупотребуваат оваа пресуда.

    Во исто време, на социјалните мрежи се шират видеа од успешни преминувања на границата, како и повици за нови обиди. Според локален новинар кој зборувал за агенцијата ЕФЕ, таквите акции се подготвуваат и координираат во затворени групи на апликации за пораки. Сепак, останува нејасно зошто вчера обезбедувањето на копнената граница привремено потфрлило.

    Последен пат Сеута се соочи со слична ситуација во 2021 година. Тогаш, за само два дена, пристигнале повеќе од 8.000 лица, во период на сериозна политичка криза меѓу Шпанија и Мароко. Овојпат нема индикации за таков политички конфликт. Сепак, во Сеута расте загриженоста од натамошна ескалација.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира