ШПАНСКИОТ СЕНАТ МУ ОВОЗМОЖИ НА ПРЕМИЕРОТ РАХОЈ ДА ЈА ПРЕЗЕМЕ ВЛАСТА ВО КАТАЛОНИЈА

    ШПАНСКИОТ СЕНАТ МУ ОВОЗМОЖИ НА ПРЕМИЕРОТ РАХОЈ ДА ЈА ПРЕЗЕМЕ ВЛАСТА ВО КАТАЛОНИЈАБарселона слави, Мадрид одговори со жестоки противмерки (Фото: АФП)

    Само еден час откако парламентот во Барселона изгласа независност на Каталонија, шпанскиот Сенат одговори со активирање на членот 155 од уставот, што на Мадрид му овозможува да ја разреши каталонската власт и да преземе контрола врз институциите во сепаратистичкиот регион.

    На тој начин, шпанските министерства би управувале со полицијата, финансиите, јавните медиуми и со телекомуникациите во Каталонија. Исто така, Мадрид треба да распише парламентарни избори во регионот за период од шест месеци.

    „Шпанија е сериозна држава, која нема да дозволи поединци да го газат уставот. Ги повикувам Каталонците и сите Шпанци да останат мирни. Владеењето на законот ќе се врати во Каталонија“, изјави шпанскиот премиер Маријано Рахој по објавата на регионалниот парламент.

    И додека на улиците на Барселона и другите каталонски градови масовно се прославува, Европската Унија побрза да му ја даде својата целосна поддршка на Мадрид.

    Момент за историја. – Претседателот на Каталонија, Карлес Пуигдемонт, прогласува независност

    „За Европската Унија ништо не се менува. Шпанија и натаму е единствениот наш соговорник“, напиша на Твитер претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

    На референдумот што се одржа на 1 октомври, 90% од гласачите се изјаснија за независна Каталонија, но излезноста беше само 43%.

    Мадрид од старт го прогласи референдумот за неуставен и иако претседателот на Каталонија, Карлес Пуигдемонт, ја одложи ефективноста на декларацијата за независност и повика на дијалог и преговори, Рахој остана на својот тврд став и му порача да се откаже од идејата за отцепување од Шпанија.

    Ова е првпат да се активира членот 155 од донесувањето на сегашниот устав во 1978 година, кога Каталонија доби статус на автономна покраина со сопствените влада, полиција и медиуми.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира