Шведската владејачка Социјалдемократска партија, која досега се противеше на членството во НАТО, соопшти дека ќе направи ревизија на својата меѓународна безбедносна политика во екот на руската инвазија на Украина. Финска исто така најави дека во наредните недели ќе донесе одлука дали ќе побара прием во НАТО.
Социјалдемократите, кои се најголемата партија во парламентот, досега постојано ги одбиваа повиците за членство во НАТО, сметајќи дека воената неутралност е најдобриот избор за земјата.
„Кога Русија ја нападна Украина. безбедносната позиција на Шведска суштински се промени“, соопшти Социјалдемократска партија, додавајќи дека ревизијата ќе биде завршена до летото.
Експертите велат дека Социјалдемократите се клучни за членството на Шведска во НАТО. Опозициските партии од десниот центар го поддржуваат пристапувањето кон НАТО, а Левица и Зелените се против.
Русија денеска ги предупреди Шведска и Финска дека нивното зачленување во НАТО нема да донесе стабилност во Европа. Вашингтон очекува двете земји да побараат членство во НАТО најрано во јуни.