Шведска прекинува со масовни тестирања за коронавирус, дури и на луѓето кои покажуваат симптоми, ставајќи крај на мобилните шатори за тестирање на градските плоштади, центрите за земање брисови од автомобили и домашната испорака на тестови, кои обезбедија суштински податоци за следење на пандемијата.
Иако Шведска прва во Европа се решава на ваков чекор, некои експерти сметаат дека тоа ќе стане нормално, бидејќи скапите тестирања даваат малку придобивки со лесно преносливиот, но поблаг сој омикрон, а и владите размислуваат да ја променат стратегијата кон ковид-19 и да почнат да го третираат како и останатите ендемични заболувања.
„Стигнавме до точка кога трошоците и релевантноста на тестирањето веќе не се оправдани. Ако продолжиме да ги тестираме сите кои имаат коронавирус, тоа ќе нè чини 55 милиони долари неделно, односно 220 милиони долари месечно“, изјави шефицата на Агенцијата за јавно здравје Карин Тегмарк Висел.
Од денеска, само вработените во медицинските установи и во домовите за стари лица и најранливите категории ќе прават бесплатни ПЦР тестирања ако имаат симптоми, а остатокот од населението се советува да остане дома ако има симптоми кои наликуваат на ковид-19. Брзите тестови се достапни во супермаркетите и аптеките, но тие резултати не се пријавуваат кај здравствените власти.
Минатата година, само регионот на Стокхолм потрошил над 320 милиони долари на ПЦР тестови и владата вели дека овие пари можеле подобро да се искористат.
Во понеделникот, и Данска објави дека ќе го намали дневниот број на ПЦР тестови од 500.000 на 200.000, а сите владини објекти за бесплатно тестирање ќе бидат затворени на 6 март.