ШВЕДСКАТА ВЛАДА СЕ ИЗВИНИ ШТО НЕ УСПЕАЛА ДА ГИ ЗАШТИТИ СТАРИТЕ ЛИЦА ОД КОВИД-19

    ШВЕДСКАТА ВЛАДА СЕ ИЗВИНИ ШТО НЕ УСПЕАЛА ДА ГИ ЗАШТИТИ СТАРИТЕ ЛИЦА ОД КОВИД-19Повеќе од половина од починатите од КОВИД-19 во Шведска се штитеници во старечките домови (Фото: ТТ)

    Шведската влада се извини откако призна дека не успеала соодветно да ги заштити старите лица од коронавирусот, имајќи предвид дека повеќе од половина од починатите се штитеници во старечките домови.

    Шведска е една од ретките земји во Европа која не воведе карантин и строги рестриктивни мерки, туку се потпре на самоодговорноста на своите жители, но досега има 3.220 починати од КОВИД-19, убедливо најмногу меѓу скандинавските држави. Притоа, 90% од оние кои починале до 28 април имале над 70 години. Половина биле штитеници во старечките домови, а уште една четвртина примале домашна грижа.

    „Потфрливме во заштитата на нашите стари лица. Тоа е многу сериозно и утка на општеството во целост. Мора да научиме од ова, зашто сѐ уште не сме завршиле со епидемијата“, изјави министерката за здравство и социјални прашања Лена Халенгрен.

    Старечките домови во Шведска се големи комплекси со стотици штитеници и во нив се примаат само оние кои се тешко болни и не можат да се грижат за себеси, со што претставуваат многу ранлива група.

    „Вработените не носат соодветна заштитна опрема, одат од еден во друг сектор, со што лесно го пренесуваат вирусот“, изјави Бјерн Брангард, чија мајка почина во старечки дом во Стокхолм во кој имало многу случаи на коронавирус.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира