Земјотрес со магнитуда од 4,7 степени според Рихтеровата скала во петокот навечер ја погоди јужна Италија. Според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, епицентарот е на 13 киломтери западно од Неапол.
Досега се пријавени осум повредени лица, но никој не е во сериозна состојба.
Најголемата материјална штета е забележана во Поцуоли, близу Неапол, каде што се урнал дел од потпорен ѕид. Големи блокови паднале врз неколку паркирани автомобили и ги оштетиле. За среќа, нема загинати ниту повредени од уривањето.
Во Поцуоли, каде што се вршат проверки на стабилноста на објектите, оштетени се и фасадите на повеќе згради. Областа каде што се случил одронот е покриена со прашина.
Многу жители по силниот потрес излегле на улиците и изјавиле дека имаат намера ноќта да ја поминат на отворено поради страв од нови земјотреси.



