Федералните обвинители покренаа обвиненија за даночни прекршоци против синот на американскиот претседател Џо Бајден. Хантер Бајден (53) се сомничи дека од 2016 до 2019 проневерил федерални даноци во висина од најмалку 1,4 милиони долари.
Во септември, Хантер Бајден доби и федерално обвинение за држење огнено оружје.
Специјалниот советник на министерството за правда Дејвид Вајс го истражува адвокатот и поранешен зависник од кокаин од 2019. Ако биде прогласен за виновен, Бајден би можел да добие до 17 години затвор.
Во обвинението на 56 страници е наведено дека Хантер Бајден ги трошел парите на дроги, проститутки, луксузни хотели, егзотични автомобили, облека и други лични предмети.
„Практично на сѐ освен на даноци. Синот на претседателот имал вкупен бруто приход од над седум милиони долари меѓу 2016 и 2020 година, но свесно не платил даноци за 2016, 2017, 2018 и 2019, иако во тој период имал пристап до средства да плати барем некои од тие даноци“, кажа Вајс.
Според обвинението, меѓу 2016 и 2019, Хантер Бајден потрошил над 188.000 долари за „индустријата на возрасни“ и им платил повеќе од 683.000 долари на разни жени.
„Тој остварил значителен приход, вклучително и од компанија што ја формирал со кинески деловен конгломерат, украинската енергетска компанија ‘Бурисма‘ и со неименуван романски бизнисмен. Како што се зголемувале неговите приходи, така се зголемувале и неговите трошоци за екстравагантен начин на живот“, се вели во обвинението.